10.8 C
Skopje, NM
15/06/2021
DailyNews.mk
Избор од уредникот Политика

Заев од Куманово: Го славиме денот кога започна сенародната борба за слобода и правда

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се обрати на свеченоста по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, што во организација на Владата на Република Северна Македонија се одржа во Куманово.

Обраќањето на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев ви го пренесуваме во целост:

„На денешен ден 11 Октомври – Денот на народното востание, нашите сограѓани во Куманово и Прилеп, се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и правда и во триумфот на победата го остварија вековниот сон – сопствената и заслужена државност.

Со овој голем историски чин започна и впишувањето македонската држава на мапата на народите на светот.

Патот на македонската држава е проследен со борба против сите форми на фашизам, репресии и неправда. Но, и со постојан стремеж за слобода, правда и еднаквост за сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, водени од желба за подобар живот.

Денеска, стоиме тука во Куманово, во градот херој, горди, со кренати глави чувајќи го заветот на нашите државотворци.

Поради храбрите борци на НОБ денес сите ние имаме патриотска должност да се обединиме во создавањето на едно праведно општество.

Почитувани,

Во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации. Генерации на борци кои не се штедеа себеси, ниту својата младост и своите животи.

Благодарение на овој самопрегор, денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и со сите постулати на државност. Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазикот се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Во европските институции во Брисел и во Стразбур.

Одбележувањето на ваквите денови е најсилниот потсетник за начелата и вредностите кои не смееме да ги заборавиме, но и за патот по кој треба да продолжиме.

Тоа е европскиот пат, патот кон демократските вредности. Патоказ, кој уште во самиот почеток на независната македонска државност граѓаните недвосмислено го посочија.

Почитувани,

Нашиот повик, борбата на сегашните генерации, е да обезбедиме развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава, во која младите ќе имаат просперитетна иднина.

Токму затоа, во минатиот мандат приоритетите ги насочивме на надворешен план. Со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција, со кои по децениско заостанување Северна Македонија направи пробив на меѓународен план.

Сето ова се реализираше првенствено низ полноправното членство на нашата држава во НАТО и со утврдувањето на почетокот за преговори со Европската Унија, како и низ градењето на партнерски однос со сите наши соседи.

Благодарение на овие договори Северна Македонија од држава оставена на маргините, се претвори во активен чинител на меѓународната сцена. Денес нашата држава е ценет и посакуван партнер. Успешна приказна која започна да го менува наративот на Балканот.

Соседите денес ни се сојузници и силни поддржувачи на меѓународен план. Ова е од исклучително значење, токму сега, во пандемијата на КОВИД-19, кога со сите држави од соседството – Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, секојдневно заедно соработуваме во справување со кризата.

Како дел од моќното НАТО семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, нашата држава стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност.

Членството во НАТО ја редефинираше нашата улога на меѓународната безбедносна арена и ни овозможи активно да учествуваме во широк спектар на безбедносни мисии за колективна одбрана. Ги зацементиравме основите за зголемена стабилност и просперитет на нашата држава.

Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот.

Related posts

Пратениците изгласаа продолжување на кризната состојба и прва фаза од законот за попис

Admin

Брисел: Последните нацрт заклучоци за проширување содржат „погрешно толкување на историјата”

Admin

Бугарија го блокира потпишувањето на договор со Фронтекс поради македонскиот јазик

Admin

Совет на амбасадори: Со воведување и второ државјанство за кандидатите за амбасадори се уриваваат темелите на државата

Admin

Лавров: Русија има добри односи со Хрватска

Admin

Транспаренси Интернешнл објави извештај за заробеноста на државите од Западен Балкан и Турција

Admin

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More