Нишката фирма „Нео медика“ пред неколку месеци почнала со производство на првите српски тестови на коронавирусот кои во меѓувреме напредувале.
Според студијата направена во Германија, „Наиса тестот“ е дополнително развиен и сега кај пациентите освен моменталната состојба можно е да се предвиди и натамошниот тека на болеста.
„Наиса“ е попрецизен дури за 500 пати од останатите тестови, пишува РТС. Со тестот се утврдува точното ниво на антитела во крвта, што е од големо значење за лечење со крвна плазма. Покрај оваа, српскиот тест има уште една предност, односно може да го предвиди текот на инфекцијата.
– Во случаите кога ИГА се јавува во првите неколку дена по појавата на симптомите и кога титар е низок, значи детектираме дека ги има малку, тогаш кај пациентите се развива многу блага клиничка слика, а во спротивно, доколку ИГА се појавува одложено, со некое задоцнување и со висок титар тогаш симптомите се значително потешки – објаснува Милица Тодоровска Рашиќ од контрола на квалитетот на „Нео медика“.
Тестирањето се прави по унапредената „Елиза“ метода, а резултатите се добиваат за само два часа.
На развој на „Наиса“ системот се работи повеќе од четири години, додека тестот на корона се развива од март.
Странскиот пазар особено е заинтересиран и за новата ИГА фракција со која, како што се истакнува, може да се утврди текот и исходот на болеста ковид-19. Затоа „Нео медика“ одлучила производните капацитети да ги прошири од 1.500 на 4.500 тестови дневно.
– Почнавме да го извезуваме новиот тест за Швајцарија, за Велика Британија тука во Европа, потоа на Блискиот исток и на други пазари каде веќе сме присутни, потпишавме 14 договори, се изработува регистрацијата на тие тестови во тие 14 земји и се преговара со уште земји – вели Саша Тричковиќ, директор на „Нео медика“.