Во Црна Гора се потврдени рекордни 496 нови случаи на коронавирус, а починале седум лица.
Од вчерашниот пресек се излекувале 240 пациенти, соопшти Институтот за јавно здравје.
Помошник директорот на Институтот за јавно здравје на Црна Гора Сенад Бегиќ денес изјавил дека случувањата на терен апсолутно не одат во прилог на епидемиолошката ситуација и дека се очекува бројот на заболени од коронавирус да биде уште поголем.
Тој на конференција за новинари во Подгорица рекол дека во текот на последните 24 часа, врз основа на 1.299 тестирани примероци, регистрирани се 496 нови случаи, а дека во текот на вечерта и утрото ќе бидат обработени уште 500 примероци од приватните лаборатории, пренесе порталот „Вијести“.