Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, вели дека бугарските услови кон Македонија не се сменети со години и е зачудена што тие за јавноста изгледаат како да се нови.
„Да, ќе ја носиме нашата одговорност, ние сме навикнати да ја носиме нашта одговорност. Би сакала и колегите во Скопје да ја носат својата одговорност“, одговори Захариева на прашањето дали Бугарија е подготвена да ја носи одговорноста за странските влијанија во регионот по бугарското вето.
За Захариева, ова е шанса што Скопје не треба да ја испушти.
„Бидејќи имаме германско претседателство во моментот и Германија е една од земјите основачи, нема многу такви што го поддржуваат проширувањето, особено за земјите од Западен Балкан“, вели Захариева.
Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, останува на ставот дека договорот за добрососедство е одлична рамка за изноѓање заедничко решение за спорот со Бугарија.
„Јас лично сум оптимист, вложивме многу и двете земји. Премногу сме блиску за да не изнајдеме заедничко прифатливо решение“, вели Османи.
Според Османи, сите се свесни за влогот во овој процес и за последиците од неуспехот.
На виртуелната прес-конференција присутен беше и германскиот министер Хајко Мас, кој им честита на двете земји за одличната тимска работа при подготвувањето на Берлинскиот процес.