Ниту една земја на ЕУ нема право да го негира правото на самоопределување на друга земја. По блокадата на Кипар и санкциите на ЕУ против Лукашенко, ЕУ треба конечно да го искористи бугарското вето како повод да го укине принципот на едногласност и со тоа да ја врати способноста на Унијата да дејствува при важни одлуки, побара пратеничката на Либералната партија (ФДП) во германскиот парламент и член на Комисијата за надворешна политика – Рената Алт, пренесува „Дојче веле“.
Таа потенцира дека користењето од страна на Бугарија на членството во ЕУ како средство за
изнудување отстапки во историскиот спор со Северна Македонија, е целосно неприфатливо и притоа „го торпедира“ секој напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.
Според Алт, обновената блокада на пристапните преговори во ситуација кога ЕУ конечно постигна договор за одржлив и транспарентен пристапен процес, ќе биде „фатален сигнал“.
-Сојузната влада треба да го искористи преостанатото време на германското претседателство и да апелира до бугарската страна да не ја попречува тековната непречена реформска динамика во Северна Македонија со својот националистички историски ревизионизам, порачува пратеничката.